Македонија 26. јануари 2020. / 14:18

Правниот тим на Трамп предупреди дека негов импичмент би бил опасен преседан

Правниот тим на Трамп предупреди дека негов импичмент би бил опасен преседан

Правниот тим на американскиот претседател Доналд Трамп ја почна својата одбрана на судењето за имичмент во Сенатот, тврдејќи дека обидот на демократите да го отстранат Трамп од функцијата претставува многу опасен преседан во изборната година и посочи дека претседателот  не сторил апсолутно ништо погрешно.

Правниот советник на Белата куќа, Пет Сиполоне, кој го предводи правниот тим на Трамп, на почетокот на изнесувањето на аргументите на одбраната им рече на сенаторите дека доколку сега го прогласат за виновен и го отповикаат од функцијата, ќе им го одземат на гласачите правото да се изјаснат за Трамп на претседателските избори на 3 ноември.

Сиполоне, исто така, ги обвини демократите дека сакаат да извршат најмасовно мешање во изборите во американската историја, на помалку од десет месеци пред претседателските избори, оценувајќи дека тоа би било кршење на Уставот, историјата и обврските кон иднината.

– Тие бараат од вас не само да ги поништите резултатите од последните избори, туку, како што реков претходно, да го отстраните претседателот Трамп од изборите што се одржуваат за околу девет месеци. Тие бараат од вас да ги искинете гласачките ливчиња во целата земја – истакна Сиполоне.

Изнесувајќи ги своите аргументи во претходните денови, демократите тврдат дека претседателот ја злоупотребил својата позиција и треба да биде сменет од функцијата затоа што вршел притисок врз Украина да почне истрага против  поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден и претедент за кандидат за претседател на демократите. и неговиот син Хантер, а потоа се обидел тоа да го прикрие. Тие обвинуваат и дека Трамп ја опструирал истрагата на Конгресот.