Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски излегува од куќен притвор. Кривичниот Суд и официјално ја потврди информацијата. Му одреди поблаги мерки како одземање пасош и забрана за издавање нов и обврска обвинетиот повремено да се јавува на овластено службено лице во Судот во Струга. Ви го пренесуваме соопштението на скопска Единица:
„Апелациониот суд Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје, денеска достави решение со кое ја уважил жалбата на К.М. обвинет во предметот со КОК бр. 40/18 поврзан со настаните од 27 април 2018 година во Собранието на Р.М. со кое решение ја уважил жалбата на обвинетиот, изјавена против решението на Кривичниот совет при овој суд и го преиначи решението на советот со што ја укина мерката куќен притвор, определена со решение на Врховен суд на Р.М., продолжена со решение на кривичен совет при Основен суд Скопје 1 – Скопје, а се определуваат мерки за претпазливост – Одземање на патна исправа, односно забрана за издавање нова и Обврска обвинетиот повремено да се јавува на овластено службено лице во судот во Струга.“
Пуштањето на Мукоски од куќен притвор со одлука на Кривичниот суд доаѓа спротивно на барањето на Обвинителството за организиран криминал кое даде негативно мислење и несогласување Мукоски да биде пуштен од домашен притвор. Мукоски е обвинет за настаните од 27 април, а според снимките од безбедносните камери во парламентот тој е еден од пратениците кои ги отвораат вратите од внатрешната страна и толпата непречено влегува во собраниската зграда. Претходно Кривичниот суд куќниот притвор им го укина на неговите колеги пратениви од ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов.