Македонија 16. февруари 2020. / 07:45

Денеска се распушта Собранието, ќе се гласаат двотретинските закони за ЈО и за одбрана

Денеска се распушта Собранието, ќе се гласаат двотретинските закони за ЈО и за одбрана

Иако е недела, би требало да биде последен работен на овој парламентарен состав, затоа што точно напладне е закажана седница за самораспуштање на пратениците. Во агендата на Собранието, всушност, се продолженија на две седници.

Третата седница е планирана како последна во овој парламентарен состав, така што единствена точка на дневниот ред е предлогот на спикерот Талат Џафери за распуштање на Собранието, со цел одржување избори на 12 април, согласно со политичкиот договор од октомври.

Откако вчера беше исцрпена листата на пријавени за збор на 135 собраниска седница за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за советот на јавни обвинители, претседателот на Собранието Талат Џафери констатираше дека општиот претрес по предлог-законот е завршен.

По завршувањето на 135 седница, пратениците веднаш ја почнаа 123. седница, на која на дневен ред беше ставен Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана, но по исцрпувањето на листата пријавени за збор и за овој закон, претресот беше завршен, а гласањето закажано за денеска во 11 и 30 часот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери откако беше завршен општиот претрес за законот за советот на јавни обвинители, истакна дека поради фактот што донесувањето на овој закон е тесно поврзан со донесувањето на претходно разгледуванио Предлог-законот за Јавно обвинителство, денеска „нема да се спроведе постапката за гласање“, иако како што посочи, има услови за изгласување на овој законот.

– Нема смисла да се изгласа и донесе овој закон доколку по однос на претходната точка не е законот изгласан. Поради тоа гласањето за оваа точка ќе се одржи по гласањето за првата точка. Според таа причина, тука ја прекинувам работата со оваа седница и со истата продолжуваме утре во 11 часот, рече Џафери.

По расправата за измените на Законот за одбрана, Џафери ја прекина седницата, откако рече дека бидејќи не се поднесени амандмани за законот, кој се донесува со двотретинско мнозинство, гласањето по точката ќе се одржи на денеска во 11 и 30 часот.

За донесувањето на Законот за јавно обвинителство потребно е да гласаат 80 пратеници, однсоно со двотретинско мнозинство.