Македонија 27. септември 2018. / 19:49

Пратеници од првиот парламентарен состав дадоа поддршка на референдумот

Пратеници од првиот парламентарен состав дадоа поддршка на референдумот

Поранешни пратеници од првиот состав на македонското Собрание ги повикаа граѓаните да излезат на референдум и да гласаат. Поранешниот прв спикер, Стојан Андов и некои други пратеници заклучија дека во Македонија е создадена неопходната меѓуетничка клима како европска вредност.

Поранешниот пратеник Алил Џаферовски нагласи дека 30 септември не треба да се пропушти.

Дипломатот и поранешен пратеник Мухамед Халили оцени дека 30 септември е поинаква ситуација од онаа во ’90-ттите.

„Имаме кредибилно право да ги повикаме сите граѓани на Македонија кои и покрај разликите што ги имаат, да гласаат за просперитетна, демократска и економски силна Македонија. Тоа се прави само со вклучување во демократските процеси во ЕУ и НАТО“, рече Мухамед Халили, поранешен пратеник.

На повикот му се придружија и поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Михаил Пановски оцени дека за Македонија, НАТО и ЕУ се единствената алтернатива, но тој не сакаше да го коментира актуелниот став на партијата.

Запрашани зошто денеска се појавија само малкумина пратеници од првиот парламентарен состав, тие одговорија дека некои не можеле да дојдат поради здравствени причини, а други веќе не се живи.