Македонија 21. октомври 2019. / 19:21

Прајс: Не сакам да ја видам С. Македонија суспендирана

Прајс: Не сакам да ја видам С. Македонија суспендирана

Северна Македонија не треба да биде суспендирана, бидејќи во суштина направи се` што се побара од неа, вклучувајќи ја и контроверзијата со името, посочи демократскиот конгресмен Дејвид Прајс во интервју за „Гласот на Америка“, реагирајќи на одлуката на Европската Унија да не ѝ даде на државата датум за пристапни преговори во овој момент.

Долго време имаше проблем за името со Грција. И двете влади, и грчката и македонска, имаа потешкотии да постигнат договор, но, успеаја. Сега Северна Македонија е во позција да стане полноправна членка на демократските семјства и на западноевропските алијанси. Членството во НАТО напредува доста добро, а се надевам дека и прашањата околу ЕУ ќе се разрешат брзо – изјави Прајс.

Тој не сака да го критикува внатрешниот процес на ЕУ и деталите околу него, но, смета дека е важно да се реши брзо.

Не сакам да ја видам Северна Македонија да поминува низ сето ова, да биде суспендирана на некој начин, нагласи Прајс.

Според него, лидерството до овој момент ги одржало заложбите, и тоа требало да биде препознаено и охрабрено. А најдобар начин тоа да се направи, вели тој, е да се заокружи НАТО членството и државата да влезе во ЕУ.

Мислам дека и на ЕУ и е потребна Северна Македонија. Нема да судам за тоа какви критериуми се потребни за да се затвори ова прашање со датумот, но, се надевам дека тоа ќе се реши сигурно – истакна тој.

Прајс смета дека ЕУ и НАТО треба да гледаат на Северна Македонија како на клучна држава во Западен Балкан, чија стабилност е битна за целиот регион.