Македонија 21. мај 2020. / 19:00

Повратници сместени во државен карантин подготвуваат тужба поради нечовечкиот однос на институциите

Повратници сместени во државен карантин подготвуваат тужба поради нечовечкиот однос на институциите

Група од 92 македонски државјани кои се наоѓаат во државен карантин во Охрид, а кои јавно се жалеа на начинот на кој биле третирани по доаѓањето во нашата земја, велат дека ниту една институција досега ги нема контактирано за да се испита начинот на кој се однесувале кон нив, пишува “Слободен печат“.

Групата на Македонци кои работеле за американска крузер компанија, а кои откако помнале 63 дена карантин на море и ги добиле потребните документи дека не се заразени со коронавирус, конечно се упатиле кон својата земја, каде биле пречекани на „крајно мизерен и нечовечки начин“.

Славчо Тошев, еден од Македонците кои се дел од оваа група, во разговор за „Слободен печат“, вели дека по доаѓањето во Македонија никој не им објаснил каде ќе одат, како и тоа дека не добиле ниту вода ниту храна по доаѓањето во нашата земја.

– Ниту една институција не нема контактирано, никој ни нема побарано валидни документи за заразни болести кои ги добивме од нашата американска компанија. Ги имаме сите документи дека немаме Ковид-19. Кога испловивме од Америка добивме документ, потоа отидовме во Англија, а по заминувањето и од таму на аеродром повторно добивме документ дека не сме позитивни на вирусот. Она што го очекувавме беше дека ќе треба да сме во домашна изолација, меѓутоа никој не нѐ исконтактира да ни каже дека ние всушност ќе имаме државен карантин. Сепак, го проголтавме сето тоа и си рековме ајде ќе одиме во државен карантин, но траумата која потоа ја доживеавме беше преголема за луѓето кои беа во автобусите. Патувавме по 7 часа без да одиме во тоалет и без никакво застанување. Буквално никој не го слушаше нашиот глас, не третираа како најголеми душмани во државава, а ние отидовме да спечалиме пари за да ги потрошиме во Македонија, вели Тошев.

Тошев објаснува што се случувало по доаѓањето во Македонија и истакнува дека сите 92 Македонци кои се дел од оваа група планираат заедничка тужба против, како што вели тој, нечовечкото однесување кон нив.

– По доаѓањето во Македонија, никој не ни ја објасни процедурата, ниту пак не праша дали има некој жеден или гладен, не ни помогнаа ниту во носењето на куферите. Ни ги земаа пасошите и не ни кажаа зошто. Само ни кажаа да се качиме во автобусот знаејќи дека ќе одиме во Охрид, но ние не отидовме таму, туку отидовме во Табановце да земеме уште неколку луѓе. Баравме од полицајците кои беа присутни да излеземе до тоалет, меѓутоа никаде не застанавме.  Девојчињата почнаа да тропаат по прозорците и да плачат, а полицајците само не гледаа и дури ни се смееја во лице.  Потоа не сместија во хотел во Охрид, по неколку луѓе во соба, што значи дека никако не се почитуваа правилата за социјална дистанца, каков карантин е тоа? Сакаме одговор зошто бевме така истретирани како најголеми душмани, со што го заслуживме ова? Сите што сме во оваа ситуација сакаме да поднесеме тужба поради психичката тортура која ни беше извршена. Ова нема да го оставиме така и затоа бараме некаков одговор, заклучи Тошев.