Македонија 20. јули 2020. / 13:28

Потврдени случаи на Ковид-19 во дом за стари во Радовиш

Потврдени случаи на Ковид-19 во дом за стари во Радовиш

Тројца пациенти, корисници на услугите на домот за стари лица ,,Астреон“ од Радовиш, со покачена телесна температура и со бронхопневмонија се префрлени на Инфективните одделенија во Штип и во Скопје. Од нив, двајца се позитивни на корона вирусот, потврди за „Слободен печат“ директорот на оваа приватна установа, Илија Захариев.

Покрај нив, во радовишкиот оддел на „Астреон“ заразени со корона вирусот се и една медицинска сестра која работела со пациентите, како и хигиеничарката.

Како што тврди директорот, нултиот пациент што го донел коронавирусот во ,,Астреон” била хигиеничарката, која пак се заразила од сопругот, надвор од установата.

Уште пред да им се потврдат позитивните резултати, најкритичните пациенти ги префрливме во Штип и во Скопје, во Козле. Тие имаа покачена телесна температура и бронхопневмонија. Од тројцата пациенти, позитивни на коронавирусот излегоа двајца. Во установата коронавирусот влезе откако се зарази сопругот на вработена кај мене. Таа не извести, меѓутоа многу доцна, кога и самиот нејзин сопруг бил испратен на тестирање за коронавирусот, а претходно се лечел на матичен лекар. Ние дознавме многу доцна и немавме време да ги изолираме ниту вработените, ниту пациентите. Моментално сите се тестирани, и вработените и пациентите, имаме 32 корисници на услугите. Сите ги тестиравме во петокот и очекуваме резултатите да бидат готови или денеска или утре – вели Захариев.

Екипа од епидемиолози од Центарот за јавно здравје Штип, извршила увид во старскиот дом, по што им биле дадени насоки на вработените да дезинфицираат, да одржуваат дистанца од два метри и да носат маски.

Дојдоа од ЦЈЗ Штип и ни дадоа мерки и инструкции. Да се одржува дистанца, да се дезинфицира целиот простор, да се изолираат личностите што се заразени и каква терапија да им се дава ако покажат симптоми. Ниеден од нашите корисници што се во ,,Астреон” моментално нема симптоми. Дури и еден од пациентите што го испративме во штипската болница на инфективното одделение со температура, излезе негативен. Во Радовиш луѓето беа поопуштени бидејќи немавме ниеден заразен едно време, па препораките и мерките не се почитуваа многу доследно. Порелаксирано си ја сфаќаа работата – оценува директорот.

Без разлика на се, пациентите ќе останат во домот и ќе бидат третирани за тековните медицински состојби, а ако некој развие симптоми веднаш ќе биде препратен во штипската или струмичката болница.

Сепак, Захариев тврди дека во струмичката болница покажувале отпор да ги хоспитализираат нивните пациенти поради преголема оптовареност на капацитетот. Полно било и штиското инфективно одделение.