Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека како земја ќе бидеме последни во обезбедувањето вакцини против коронавирусот и дека додека Владата да набави вакцини се загрозува здравјето на граѓаните.
– Јавноста треба да знае кога ќе дојдат тие вакцини, неколку дена го поставувам тоа прашање и никој не дава одговор. Значи нас помошта ќе ни дојде пред март. Идната недела почнуваат да се вакцинираат тие што сакаат нормално кај нашиот источен сосед. Веќе гледаме кај нашиот северен сосед почнаа да се вакцинираат, прашање на денови е кај нашиот јужен сосед кога ќе почнат, не знам кај нашиот западен сосед каква е ситуацијата, но гледам дека во светот масовно веќе почнуваат да се вакцинираат. Паметна, сериозна влада направила план, набавила вакцини и сега ги сервисира оние граѓани кои што сакаат да се вакцинираат. Ние правиме план пред март, за три месеци од денеска дека ќе дојде помошта од неколку илјади дози за неколку македонски граѓани, а од друга страна ни велат 800.000 ќе набавиме дози за 400.000 граѓани, рече Мицкоски вечерва во емисијата „Што не е јасно“ на ТВ Алфа.
Тој посочи дека основна задача на една Влада е да обезбедат вакцини меѓу првите, а не последни и додаде дека додека Владата да набави вакцини го загрозува здравјето на граѓаните.
-Јас во една емисија реков пред април нема шанси, сега ќе се корегирам може и мај, јуни ќе биде, а до тогаш на дневна основа ќе броиме по 1000 заболени, еве сега падна бројката бидејќи падна и бројот на тестирани, ќе бориме по 20-30 луѓе кои за жал го губат својот живот и ќе дојдеме до бројка над 100 000 заразени и неколку илјади починати и некој кој има основна задача да си ја врши својата функција, а тоа е да го заштити населението, рече Мицкоски.
Зборувајќи за најавениот попис во земјва, рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи ваков попис како што планира Зоран Заев, бидејќи ќе излезе дека Македонија има три милиони жители.
-Ваков како што е конципиран пописот нема да го признаеме. Затоа даваме предлог еве за да го признаеме пописот да набавиме 10.000 терминали, да попишеме резидентно население, а не замислено население. И да знаеме колку население точно имаме, рече Мицкоски.
Тој најави дека сите предлози ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преточи во амандмани. – Ако има очекувања дека и ова може со филибастеринг да се сопре, не може бидејќи има европско знаменце. Треба да и кажеме на јавноста што можеме, а што не можеме. Ние бараме да биде вистински статистичка операција, а нема потреба од два потписа. Еве, да одиме преку фингерпринт терминали односно единици каде што ќе се чита отисокот на прст, истакна Мицкоски.
Рече дека следната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе попис кредибилен кој што вистински ќе биде статистичка операција, а не на крај со двоен потпис да даде политички одговор.
-До ден денеска не е јавно презентирана методологијата на попишување. Знам дека има, но зошто таа методологија пред да влезе во Службен весник не ја дадат на опозицијата, па и опозицијата да се изјасни, нагласи Мицкоски.
Осврнувајќи се на Предлог законот за решавање на спорот меѓу Владата и Макпертол АД по пат на спогодба кој е на дневен ред во Собрание по скратена постапка, Мицкоски рече дека интересот освен финансиски е и политички, добивање на наклонетост на медиум за покривање на владините политики.
-Прво, нема потреба ако Зоран Заев ветил дека ќе го купува делот од Гасоводот тоа да дојде во Парламентот и да добие легитимитет од Парламентот. Тоа може да го направи Владата, единствен ваков договор беше оној со ОКТА и знаеме како скандалозно заврши, рече Мицкоски.
Тој посочи дека минатата година во завршната сметка на Буџетот книжени се средства и дека се префрлени на Национални енергетски ресусри кои власта ги калкулираше како капитална инвестиција во висина од околу две милијарди денари.