Ниту еден од поранешните десет специјални обвинители на СЈО, кои сега се префрлени во матичните обвинителства и одредени да продолжат да ги водат „нивните предмети“, не ја платил во предвидениот рок прекршочната казна, што им ја определи Државната комисија за спречување на корупцијата, дознава Лидер.
-Тие не платиле по платниот налог за 50% од износот на казната и сега ќе се поведе прекршочна постапка за 100% плаќање на казната, вели за Лидер, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Прекршочната казна изнесува од 300 до 500 евра, а ако се плати по платниот налог треба таа изнесува 150 евра или половина од предвидената казна.
Со исклучок на еден, на сите останати поранешни специјални обвинители Антикорупциската комисија им одреди прекршочни казни за непријавување на промените во имотната состојба врз основа на додатоците, што Катица Јанева себе си и на останатите им ги делела за доверливост во работата. Висината на средствата беше во распон од 137.000 до над 60.000 евра вон редовните плати.
На судењето за случајот „Рекет“ обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска и забележа на второбвинетата поранешна специјална обвинителка Катица Јанева дека првообвинетиот Бојан Јовански-Боки 13 знаел повеќе за предметот „Империја“ од надлежниот специјален обвинител.
Висината на прекршочните казни е симболична. Но, не плаќањето од страна на поранешните специјални обвинители испраќа друга, многу пострашна порака дека се ставаат над законот и одлуките на Антикорупциска комисија не важат за нив.