Македонија нема да добие датум за преговори во октомври, тврди екс потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев во колумна за Дојче Веле.
Звучи неверојатно, но овојпат навистина мислам дека ќе извисиме. Внимателно следејќи ја реториката на државите-членки (Франција, Германија, Холандија, Бугарија, Унгарија и други), како и случувањата во Албанија, ќе треба да се случи „мало чудо“ да не’ извисиме.
Реториката на оние другите од „патувачкиот оркестар“ (Хан, Могерини, Јункер) одамна не ме интересира. Бидејќи тие едвај чекаат да дојде септември, да си заминат и да си ги сменат телефонските броеви, за да не мора во октомври да прават вербални вратоломии со приказната за „светлиот пример“ наречен Северна Македонија.
Но поентата околу тоа дали ќе добиеме датум или не се темели на драматично погрешно лоцирање на темата. Како што стои сега работата, „датум во октомври” ќе му значи само на Заев и на Бујар Османи, можеби и ќе му го одложи заминувањето на Никола Димитров за некој месец. Нам ништо нема да ни значи.
Новиот состав на Европската комисија ќе биде несомнено потврд во однос на проширувањето, со или без датум за Македонија. Оваа тврдост уште повеќе стврднува под товарот на дебатите околу продлабочување наспроти проширување, дебата која е исто толку јалова колку што е јалова и самата Европска Унија денес, на 25 јуни 2019 година.
Датумот за Македонија ќе биде кафетин од кој ви поминува мигрената која утредента повторно доаѓа. Со добиениот датум уште веднаш ќе почнат сопките. Циничната насмевка на Бојко и лаконската изјава „нека зреат уште малку“ е квинтесенција на претпоставеното идно поведение на било која европска држава кон Македонија и останатите држави од регионот.
Ќе се изнагледаме такви цинични насмевки, и таму кадешто треба и таму кадешто не треба. На пример, ќе се чудиме кога некаков Кипар ќе блокира отварање на ново поглавје за Македонија поради тоа што ЕУ не ставила ембарго на Турција затоа што барала нафта во Медитеранот.
Или кога некаква Унгарија ќе блокира чептер заради тоа што во државава се’ уште има политички затвореници. Или кога некаква Франција ќе смисли било-што за на Макрон да не му падне чаламот дома”, пишува Георгиев во дел од колумната.
Целата колумна за Дојче Веле овде