Македонија 21. октомври 2018. / 23:15

Поради убиството на новинарот Кашоги, претседателот на САД ќе разговара со саудискиот принц за последиците

Поради убиството на новинарот Кашоги, претседателот на САД ќе разговара со саудискиот принц за последиците

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека наскоро ќе зборува со саудискиот принц, Мухамед бин Салман за тоа дали и какви последици ќе претрпи Саудиска Арабија поради убиството на новинарот Џамал Кашоги.

Трамп рече дека пред сѐ ќе се консултира со американскиот когрес, за да формира соодветно мислење, а тоа ќе се случи до вторник, пренесе „Асошиејтед прес“.

Трамп на повеќе наврати во текот на минатата седмица истакна дека се противи на било каква ситуација што ќе го доведе во прашање договорот за продажба на оружје со Саудиска Арабија, вреден повеќе од 100 милијарди долари, но ќе ја разгледа можноста за санкции.

Американскиот претседател во петокот изјави дека верува во саудиската верзија за настаните, односно дека новинарот бил убиен при тепачка со повеќе од 10 саудиски агенти. Трамп го промени мислењето утредента кога за „Вашингтон пост“ изјави дека верува оти саудиската верзија за настаните била лага и завера.

Кашоги исчезна на 2 октомври, по влезот во саудискиот конзулат во Истанбул, а Саудиска Арабија по повеќе од две недели потврди дека новинарот е мртов и дека животот го загубил во конзулатот.