Со вчерашните 101 нови случаи на заразени и пет починати од Ковид-19, бројката на позитивни на корона вирусот во државава се искачи на 5.106, а вкупната бројка на починати се искачи на 238 лица. Бројот на активни случаи на ниво на државата е 2.942.
Поради ваквото ширење на епидемијата, Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, покрај за деца, почна да функционира како Ковид-19 центар за прием на возрасни. Во Институтот располагаат со 70 легла, од кои 15 се наменети за деца. Во него ќе бидат сместени возрасни пациенти со полесна или средна клиничка слика.
Институтот засега располага со кислородна линија, но нема респиратор, кој е потребен за потешките случаи. Тимот во „Козле“ се зајакнува со дополнителен персонал од лекари, осум интернисти и двајца професори од Инфективната клиника.
Од вчерашните регистрирани 101 нов случај на Ковид-19 во државата, најголемиот број, односно 57, се од Скопје, со што вкупната бројка на заразени во главниот град достигна 2.498.
Чаир и натаму останува општина со најмногу заразени. Заклучно со завчера, бројот на позитивни на коронавирусот е 384. Во Гази Баба, Бутел, Аеродром, Центар, Карпош и Сарај, бројката се движи околу 150 заразени.
На Инфективната клиника вчера биле примени пет пациенти, хоспитализирани се 95 пациент, од кои на кислородна поддршка се 45. Во ГОБ „8 Септември“, пак, вчера биле примени девет нови, а вкупно се хоспитализирани 133 пациенти ( седум се на респираторна машина) Во болницата во Битола има 35 пациенти, во болницата во Штип 18 пациенти, а на инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп 81 пациент – позитивни и сомнителни на Ковид-19.