Во врска со владините мерки да се прекине наставата на 14 дена поради корона вирусот, министерот за образование, Арбер Адеми, истакна дека училишната година не мора да заврши на 10 јуни.
– Во основното образование имаме нов Закон за основно образование каде што е предвидено колку наставни денови треба да има училишната година. Исто така е предвидено јасно, кристално, чисто и концизно што треба да направат надлежните институции кога имаме прекин на наставата поради епидемија и вонредни состојби. Имаме две опции. Училишната година не мора да заврши на 10 јуни. Втората опција е подготвување на скратени наставни програми. Пред да се определиме за која било опција треба да се измени и дополни годишниот календар за организирање на настава. Така што образовните институции ќе бидат благовремени известени од нашата страна. Ова изменување и дополнување на календарот може да се направи и сега и по 14 дена, зависно со какви ситуации и состојби ќе се соочиме – истакнува Адеми.
Адеми посочи дека за средните училишта наставата може да се организира за време на викенди или со скратени програми.
Тој апелира до општините и до самите раководства на училиштата да организираат дезинфекција на образовните институции, конкретно на основните и средните училишта.