И по речиси три децении независност Македонија не успева да стане правна држава, во која владеат законите, вели универзитетскиот професор Бајрам Положани за Алсат.
Главниот проблем за ваквата ситуација, според него, се менталитетот и немањето политичка волја за градење силни институции.
– Не успеваме некако, заради нашиот балкански менталитет или пак, заради сè уште неизградени политички субјекти, партии кои власта треба да ја конзумираат во функција на граѓаните и државата како ентитет. За жал, тоа не се случува. Секоја партија која доаѓа на власт, било ВМРО, било СДСМ и со повеќегодишно учество во таа власт на една или две албански партии тоа не ни се случува, туку имаме дури и големи злоупотреби во вршење и конзумирање на власта и тоа во сите институции. Ние ги деградиравме институциите. – вели професорот Бајрам Положани.
Како светол пример во борбата за правна држава, Положани го истакнува формирањето на Специјалното јавно обвинителство, но тој констатира дека со притворот на Катица Јанева за случајот „Рекет“, од надежно, СЈО стана искомпромитирано. Положани забележува и тоа што најважните закони се носат преку политички договор.
– Се градат реформски закони со полтичко договарање, со амнестирања, со некои концесии и се формираат прописи, закони кои на крај испаѓаат неприменливи… Ако пропадне и овој процес сега, не гледам ништо друго туку водење на институции со странски експерти. Да се побараат и во Обвинителство и во правосудниот систем странски експерти, а за да се направи тоа треба измени во легислативата и Уставот бидејќи сè уште се бара државјанство за носители на овие функции, што значи тешко да дојде да имаме специјален обвинител и специјален трибунал со меѓународна кадровска поддршка. – додава професорот Положани.
Положани предупредува дека државата се празни и од правни кадровски капацитети, со што градењето на институциите на системот ќе продолжи со, како што вели тој, сомнителни кадри. Инаку, владеењето на правото е термин кој денеска беше неизоставен декор во сите политички говори по повод Денот на независноста.