Иако бев оптимист и мислев дека карантинот на одреден начин ќе го извади најдоброто од луѓето, вчера, листајќи по социјалните мрежи наидов на видео кое ми го докажа спротивното.
пишува: Бојан НИКОВСКИ
Имено, се работи за неколку студенти на Правниот факултет во Скопје кои снимиле подкаст со наслов „Кој е Берни за нас?“. Како секој економски и политички писмен човек, претпоставив дека видеото е одреден вид сатира, критика и хумор на сметка на Берни – ист онаков како неговите сфаќања за економијата. Но не беше така.
Овие тројца идеалисти, млади социјалистички револуционери и борци за праведно општество сакале да направат промоција на неговите идеи. Но што направија со тоа?
Покренаа безброј прашања кои видеото ги остава неодговорени. Прашања околу тоа дали тие ги разбираат идеите на Берни и дали се свесни таков радикализам кон каков вид општество може да доведе. Тие имаат недостатоците во сфаќањата за основните принципи на економијата и како таа треба да функционира. И уште голем број прашања, од кои највредно за споменување – која е потребата за промоција на радикални социјалистички идеи во Македонија, и тоа не од кого било, туку од официјален студентски медиум. Како млади луѓе, познавачи на политиката, економијата и општо на животот, решивме да го анализираме овој подкаст. Решивме да ги потонеме соновите за социјалистичка утопија, бидејќи од истите тие идеи Источна Европа, вклучително и Балканот – тапкаат во место и не гледаат прогрес со години.
Ќе почнам со анализа дел по дел
Почетокот на видеото се карактеризира со еден екстремно погрешен и промашен опис, кој повеќе одговара на Доналд Трамп, отколку на тн. „crazyBernie“. „Искрен, лидер, човек инволвиран во политика за тоа што е политиката, човек кој изнаоѓа начин за да им помогне на најмногу луѓе, со воведување закони, со менување на јавниот дискурс“. Со понатамошно гледање на видеото, лесно се доаѓа до заклучокот дека личноста е наклонета кон левата страна на политичкиот спектар. Употребувајќи го новонаучениот збор „дискурс“ во повеќе наврати, младиот идеалист се надева дека на тој начин само ќе го зајакне аргументот, сметајќи дека на поголемиот дел од слушателите тоа им е непознат збор, а истите ќе бидат фасцинирани од неговиот богат политички речник. Да се навратам на анализата.
Искрен – целосно промашување уште од првиот збор. Берни Сандерс можеби е искрен за некои работи, но истовремено е крајно лицемерна личност. Целата негова политичка кариера се заснова врз промоција на егалитаристички идеи, полни со критика спрема милионерите и милијардерите во САД. Она што пропушта да го каже е дека и самиот тој е милионер. Имено, Берни заработува многу повеќе од она како што тој се претставува. Ако вашиот идол Берни беше вистински социјалист и левичар каков што тој тврди дека е, ќе направеше најмалку две работи. Прво, како вистински социјалист, тој ќе го поделеше своето богатствосо оние на кои им треба. Второ, најмалку што можеше да направи, е да плати данок од 43%, во согласност со неговиот сопствен даночен план за оние што прават над 500.000 американски долари. За оваа работа, тој беше јавно прозван од Доналд Трамп.
Лидер – погрешен збор за човек кој не може да добие избори за претседател на клас во средно школо, ниту пак во сопствената партија, а не на претседателски избори во САД.
Како што е споменато, Берни зборува за тоа како треба да бидат работите. Проблемот ви е пред очи, а не го гледате. Најголем проблем на еден политичар е тоа што тој ЗБОРУВА, а не дејствува. Во подкастот, се воспева неуспех, поконкретно неуспехот на изборите за претседател на неговиот средношколски клас. Се зборува за тоа како идејата на Берни сепак на крај победила. Тој можеби има идеи кои на многумина им се допаѓаат, но тоа совршено одговара на улогата на претставник во конгресот или во сенатот, а не и за човек кој претендира да биде прв човек на најмоќната светска држава.Со цел да се стигне до таа позиција, пресудни се лидерските квалитети. Тој може да биде лидер на една армија млади идеалисти како вас, индокртинирани утописти кои замислуваат општество во кое сѐ е бесплатно, но не и на САД, држава изградена врз принципите на либералната демократија, на идеите за минимална држава. Вакво нешто многу ме загрижува, имајќи предвид дека сите сте го учеле предметот економија – а секој оној кој ги разбира основите на економијата, сфаќа дека бесплатни работи не постојат.Тука, би сакал да се потсетиме на Милтон Фридман којшто многу одамна нѐнаучи дека во економијата не постои бесплатен ручек. Некој ручек може навидум да изгледа како бесплатен, но не е. Некој ќе мора да го плати, односно да го покрие трошокот за неговото приготвување, бидејќи тој реално е настанат. Се разбира, зборот „ручек“ во овој контекст е употребен само во фигуративна смисла, но се надевам дека така тројцата студенти ќе сфатат дека заложбите на „лидерот“ Берни се економски неисплатливи, неправедни и деградирачки.
Мојот омилен дел: Берни Сандерс нема никаков посебен интерес. Уште во првите лекции за партиските системи, се учи дека во САД политиката функционира токму преку тие „specialinterest“ и лобигрупи. Финансирањето на политичките кампањи е транспарентно, секој сам може да се увери за начинот на финансирање и со свои очи да види кои се донатори на истите. Наспроти Берни, имаме кандидат кој во 2016-та година сосема САМ ја финансираше својата кампања. Успешен бизнисмен кој не го крие своето богатство и кој промовираше идеи сосема спротивни од оние на Берни и на демократите. Сами заклучете кој е слуга на групите со посебни интереси – оној кој сам ја финансира својата кампања или оној кој прима пари од разни компании, корпорации, милионери и милијардери.
Погрешно индоктринирана младина: „Тој оди сам во политика, за да му помогне на обичниот граѓанин“
Toj можеби оди со идеја да помогне на обичниот граѓанин, но таа идеја всушност најмногу му штети на истиот. Идејата на Берни Сандерс се заснова врз уште поголемо оданочување на чесно заработеното богатство на луѓето.
„Берни сите го нарекуваат социјалист, комунист“. Било добро што тој за разлика од другите бил радикален. Господа, за радикализам имате простор во Источна Европа, во Азија и Африка. Имате простор буквално на секој друг континент освен во САД, државата која е градена врз принципите на либералната демократија. Малку е парадоксално ваков коментар да доаѓа од истите оние кои Трамп го нарекуваа радикален фашист, нацист, шовинист и што уште не. Тоа беше само една црна пропаганда наменета за да се уништи угледот и поддршката која Доналд Трамп ја уживаше пред изборите. Трамп со своите политики и со својата идеолошка определба, докажа дека е се она кое е спротивно на тоталитарните режими со кои ВИЕ го поврзувавте. Наместо „големата“ влада за која Берни се залага, тој понуди минимална влада. Води политики за намалување на даноците и беспотребни давачки, а со тоа придонесе до појава на влада и државен апарат која нема да го контролира народот преку контрола врз нивните финансии. Чист доказ за тоа e намалената невработеност, која на почетокот на мандатот на Трамп изнесувала 4,7%, додека во Септември 2019 изнесувала 3,5%. Голем удел за тоа има Законот за даночни намалувања и работни места од 2017, со кој се намалуваат даночните стапки за бизнисите и индивидуите, зголемувајќи го стандардното оданочување (или стандардното даночно одбивање), елиминирајќи ги даночните исклучоци и правејќи ги понеисплатливи. Анализите на овој закон предвидуваат 0.7% просечно годишно зголемување на БДП и намалување на невработеноста за 0,6% во периодот 2018-2027. Со оваа мерка за либерализација, парите од буџетот се пренасочуваат кон народот, со што се креираат самостојни, моќни и силни индивидуи, кои се основата за силна и моќна држава, каква што аспирира да биде САД. Наспроти него, имате човек, кој на ОВА YouTube видео, можете сами да се убедите дека се прокламира за СОЦИЈАЛИСТ.
После целата анализа се надевам дека ги разбравте нереално прикажаните информации од подкастот на тројцата студенти. На читателите им оставаме да прочитаат и сами да одберат со што се согласуваат. Дали се за голема контрола врз финансиите и економијата која наликува на тоталитарен режим или пак за индивидуална слобода и независност од државата.