Македонија 29. ноември 2020. / 20:51

Поддржувачите на Тито го одбележаа поранешниот празник 29 Ноември

Поддржувачите на Тито го одбележаа поранешниот празник 29 Ноември

Со дефиле од возила накитени со македонски и југословенски знамиња, фотографии на доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, маршалот Јосип Броз Тито, поддржувачите на делото на Тито од здружението „Јосип Броз Тито” од Кочани денеска го одбележаа празникот 29 Ноември, денот на формирањето на некогашната заедничката држава во Јајце во 1943 година, со Второто заседание на АВНОЈ.

Поради состојбите со коронавирусот, беше откажан традиционалниот собир и свеченоста на која, преку краток историски час, тие секоја година на овој ден потсетуваа дека Македонија во рамките на Федерацијата, ја стекна својата држава.

– Поминаа 77 години од денот кога народите од дел од Балканот се обединија во заедницата на рамноправни и братски народи и народности – во држава Југославија, моќна и почитувана во светот. Се разбира, не се точни тврдењата дека Македонците тогаш го формирале својот идентитет. Не, тој постои оддамна. Но, Македонците беа победници во Втората светска војна, беа на страната на прогресивниот антифашистички свет, заедно со братските југословенски народи. Македонија како држава е производ на партизаните и антифашистичката борба на македонскиот народ, заедно со други националности кои живеат тука, изјави Трајче Трендов, претседател на здружението „Јосип Броз Тито”.