Македонија 01. јуни 2020. / 09:14

Почнува уписот на првачињата со по 20-минутни паузи помеѓу секое дете

Почнува уписот на првачињата со по 20-минутни паузи помеѓу секое дете

Во основните училишта во земјава од денеска до 30 јуни ќе се запишуваат ученици во прво одделение за учебната 2020/2021 година. Првичните рокови за упис беа одложени за еден месец поради заштита од ширење на заразата со Ковид-19.

Наместо во мај, како што е утврдено во Законот за основно образование, оваа година уписите се во јуни и родителите ќе имаат на располагање еден месец да ги запишат децата во основните училишта, а тие до 15 јули треба да ги објават резултатите.

Владата во петокот на седница усвои протокол за спроведување на уписот на првачињата со утврдени мерки со цел заштита на јавното здравје и спречување на ширењето на корона вирусот.

Според протоколот,  уписот се спроведува во термин утврден од Комисија за запишување ученици формирана од директорот на училиштето. Треба да има пауза од најмалку 20 минути помеѓу термините за разговор на членовите на комисијата со секое дете. Во паузите се забранува групирање на присутните во училиштето.

Во просторијата за разговор може да присуствуваат само членовите на Комисијата за запишување, детето и еден од неговите родители/старатели. Треба да има најмалку два метра оддалеченост меѓу присутните. Возрасните да носат заштитни маски и ракавици, а по секој разговор просторијата треба да се дезинфицира.

На влезот од училиштата задолжително треба да има средство за дезинфекција на обувките и рацете, како и поставени едукативно-информативни материјали за почитување на заштитните превентивни мерки.