Откако ноќеска на полноќ заврши предизборната кампања и почна изборниот молк, денеска стартува и избиорачкиот процес, односно гласањето на предвремените парламнтарни избори. Годинава, поради епидемијата на корона вирусот, гласањето ќе трае три дена.
Денеска први гласаат оние граѓани коишто се во домашен карантин поради позитивен тест на Ковид-19, како и лицата на кои им е определена мерка самоизолација. Вкупно 716 граѓани од овие две групи се пријавени за гласање, гласачкото право ќе го извршат во своите домови. Гласањето ќе го спроведе посебен избирачки одбор формиран од ДИК, со асистенција на медицински работници.
Утре, пак, ќе гласаат 8,852 стари и изнемоштени лица, но и оние лица што се наоѓаат во старечките домови, како и лицата кои се во затвор или домашен притвор.
Во среда ќе гласаат сите останати лица, распределени во 3,390 избирачки места во земјава. Избирачките места ќе бидат отворени во 7 часот наутро, а за прв пат, гласањето ќе трае два часа повеќе од вообичаеното, односно до 21 часот.
Сите граѓани кои ќе излезат на гласање, мора строго да ги почитуваа правилата. Пред гласачкото место секој гласач ќе мора да оддржува соодветно растојание од 1,5 до 2 метра. На влез лицето ќе мора задолжително да ги дезинфицира рацете. Откако ќе влезе, на соодветно растојание накратко ќе мора да ја извади маската, за да може членовите на избирачкиот одбор да го идентификуваат. По гласањето, повторно задолжително ќе мора да ги дезинфицира рацете. Носењето маска е задолжително, а ракавици не.
Ова се десетти парламентарни избори во независна Македонија, односно петти предвремени избори. Граѓаните ќе можат да гласаат за кандидатските листи на 16 коалиции и партии со вкупно 1.560 кандидати. Право на глас имаат 1.814.263 граѓани.