Македонија 27. декември 2019. / 12:04

По три години затвор за тројцата обвинети во случајот „Тарифа“

По три години затвор за тројцата обвинети во случајот „Тарифа“

Основниот Кривичен суд денеска донесе пресуда за случајот „Тарифа“. Поранешниот директор на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, и ресорните директори Методиј Стојменовски и Ненад Ѓорѓовски  се осудени на казна затвор од по три години за злоупотреба на службената положба и овластување. Основниот кривичен суд го задолжи обвинетиот Ѓорѓовски да плати штета од 20 илјади евра, а Методиј Стојменовски во износ од 30 илјади евра во рок од 3 месеци по правосилност на пресудата на АД ЕЛЕМ. Пресудата не е правосилна и обвинетите имаат право на жалба во рок од 15 дена откако ќе ја добијат одлуката во писмена форма.

Методиј Стојменовски и Ненад Ѓорѓовски се ослободуваат од обвинение од првата точка од обвинението на СЈО, дека неосновано одобриле парични средства и причиниле штета на АД ЕЛЕМ од 456 илјади евра.

Ексгенералниот директор на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, Методиј Стојменовски и Ненад Ѓорѓовски се виновни за точката 2 односно дека како одговорни лица со неизвршување на својата службена должност за осигурување на трети лица немале полиса за осигурување.

Сите тројца се виновни за дејствијата од точка 4 од обвинението на СЈО.

За доказите на СЈО кои беа 327 на број требаше 6 месеци за да се изведат, а за да се изведат доказите на одбраната беа потребни 7 месеци.

Постапката за овој предмет траеше 2 години. СЈО поднесе обвинителен акт со кој Ѓорѓовски е обвинет за 4 кривични дела, злоупотреба на службената положба, Стојменовски исто така за 4 кривични дела за злоупотреба на службена положба, а Бошковски за едно кривично дело злоупотреба на службената положба.

На 1 ноември 2017 обвинителниот акт влезе во правна сила кога судот го одобри, а на 26 јануари , 2017 се одржа првото рочиште за овој предмет.

Пред овој суд беа пуштени и „бомби“ во кои, според одбраната имало разговори и меѓу други лица кои не се обвинети во оваа постапка.

Но, според судијката која ја води оваа постапка, разговорите помеѓу овие лица се однесуваат токму на кривичното дело за кое се гонат обвинетите.

Во јавноста овој предмет беше претставен како случај на злоупотреба на службени и одговорни лица на тогашен АД ЕЛЕМ, за јавна набавка во вредност од над 4 миниони евра, за што се водеше и истрагата на СЈО.

Истрагата беше за целокупниот процес како и како била направена јавната набавка, кој склучил договор…

Но, поднесениот обвинителен акт се однесува само на имплементација на софверот и судот расправаше само за овие три лица кои се опфатени во овој предмет и тоа против Дејан Бошковски, некогашен генерален директор на АД ЕЛЕМ Скопје сега невработен, неосудуван и не се води постапка, Методиј Стојменовски координатор на проект во АД ЕЛЕМ, раководител на оддел за комуникација, неосудуван и Ненад  Ѓорѓовски вработен во АД ЕЛЕМ како координатор на проект неосудуван.

За сите тројца обвините освен оваа постапка, не се води постапка за друго кривично дело.

Во случајот „Тарифа”, обвинети се поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ” Дејан Бошковски и уште други две лица за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија” вреден околу четири милиони евра.

Според СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер „ЕРП систем”.

Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.