Откако во текот на вчерашниот ден имаше рекордни седум починати пациенти за 24 час, бројот на жртви од корона вирусот во Македонија се искачи на 164.
Од седумте починати, тројца се од Скопје, еден од Штип, еден од Тетово и двајца од Струга.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина 79-годишен пациент од Скопје, примен на клиниката од 19 мај, потоа пациентка од Струга на 66 години хоспитализирана на 8 јуни, 54-годишна пациентка од Скопје примена на 5 јуни и уште една пациентка од Тетово на 46-годишна возраст, која починала при прием во амбулантата.
Во ГОБ „8 Септември“ почина пациентка од Скопје на 77 години примена на 8 јуни и 73-годишна пациентка од Струга примена на 7 јуни. Во болницата во Штип почина пациент на возраст од 87 години, хоспитализиран на 26 мај.
Вчера имаше и нов голем пораст на новозаразени луѓе. Вирусот е потврден кај 125 луѓе со што се продолжи трендот на големи дневни бројки во последните десетина денови, а најголем број новозаболени имаше минатата недела кога беа регистрирани 180 случаи.
Од вчерашните 125 новодијагностицирани пациенти најмногу нови случаи има во Скопје – 89. Во Куманово има нови четири, во Штип, Прилеп и Струмица по двајца, Тетово – 11, Струга три, Велес еден, Охрид осум и во Гостивар, Кичево и Ресен по еден новозаболен. Со нив, вкупната бројка на заразени од почетокот на епидемијата на Ковид-19 во Македонија се искачи на 3.364. Во моментов бројот на активни случаи изнесува 1.536.
Во однос на дистрибуцијата по градови за вкупниот број, најмногу активни случаи со Ковид-19 и натаму има во Скопје – 844, а потоа следат Штип со 186 случаи, Куманово со 155 случаи, Тетово – 145.
На Инфективната клиника вкупно хоспитализирани се 74 пациенти. На кислородна поддршка се 29, а нема пациенти на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 57 пациенти. На респираторна машина се осум пациенти, a со потешка клиничка слика се уште осум пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 15 пациенти, а на домашно лекување преку болницата се следат двајца пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани 22 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 35 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Досега во земјата се направени вкупно 39033 тестирања на Ковид-19.