Приватни парцели, овоштарници и обработливо земјиште во приватна сопственост, се појавуваат во државното земјиште во Злокуќани на кое треба да се гради новиот клинички центар. Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека клиничкиот центар ќе се гради на 30 хектари, а не на целата локација од 85 хектари со намена здравство во Генералниот урбанистички план за Скопје.
„Се работи за 80-тина хектари, што е преголемо место на коешто би го сместиле клиничкиот центар иако планираме таму да се префрли и Медицинскиот факултет, но и да се направи центар за истражување за младите лекари и студентите по медицина, нешто што сега недостига, а сериозно влијае на нивото на експертиза што младите студенти и лекари го стекнуваат за време на едукацијата“, објасни министерот Филипче.
Приватни парцели има насекаде, а има и парцели на кои државата ја дели сопственоста со приватници. Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, вели дека за целиот потег ќе подготвуваат нова урбанистичка документација и покрај тоа што за некои урбани блокови веќе имаат усвоено планови.