За првпат откако Катица Јанева ја приведоа, обвинител на СЈО побара одлагање на судење поради актуелната ситуација, пренесе АлсатМ.
Бурим Рустеми денеска побара да нема судење за случајот „ТНТ“ додека конечно не се одреди кој ќе ги застапува предметите – специјални или редовни обвинители. Од СЈО информираа дека на нивна адреса пристигнало известувањето на државниот обвинител Љубомир Јовевски дека е подготвен да ги преземе предметите. СЈО став за предавањето на случаите, доказите, бомбите, најави за утре. Сепак останува дилемата за моменталниот статус на СЈО и судбината на сите вработени.
И додека е во тек најавеното примопредавање на случаите, адвокатите на обвинетите во случаите на СЈО упорно тврдат дека таквата операција е незаконска.
– Како тоа некој ги презема предметите при постоење на Закон за Специјално јавно обвинителство кој сè уште има правна сила не е укинат и според тој закон СЈО трае до 15 – ти септември 2020 – та година со можност да се продолжува и понатаму, еднаш годишно. (2:04) Како може еден обвинител кој е во притвор со своето практично постапување да го укинува Законот за јавното обвинителство? – рече Боро Тасевски, адвокат.
Државниот обвинител, Љубомир Јовевски за Алсат пред два дена објасни дека откако ќе ги преземат предметите од СЈО, ќе ги разгледуваат еден по еден. Ќе се проверува во која фаза се, а Советот на јавни обвинители треба да пресече дали обвинителите од СЈО треба да се вратат во матичните обвинителства од каде што дошле или не. Доколку падне одлука тие да се вратат како редовните обвинители, не се исклучува можноста Јовевски да ги додели предметите кај истите обвинители.