Дел од студентите реагираат на одлуката на Ректорската управа на УКИМ да се спроведе и одржи јунската испитна сесија со физичко присуство на студентите. Тие сметаат дека во услови кога во земјава има епидемија на вирусот Ковид-19 поради која повеќе од два месеца има вонредна состојба и сериозни мерки за социјална дистанца, би било многу подобро и побезбедно за здравјето на студентите, испитите да се одржуваат онлајн, наместо во затворениот простор на факултетските амфитеатри каде што нема услови за одржување физичко растојание меѓу студентите.
Како што вели студентот Брајан Петковски, онлајн полагање се применува на скоро сите Универзитети во странство, а изговорот тоа да не се прави на факултетите кои спаѓаат под Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ било дека тие не биле доволно опремени за овој начин на полагање. Исто така како причина е наведено дека постоеле студенти кои немаат пристап до интернет, па не би можеле да полагаат.
Петковски реагира со аргументација зошто полагањето треба да биде изведено онлајн, но наведува и неколку причини зошто при полагањето со физичко присуство на факултетите нема да може да се исполнат доста критериуми и препораки за претпазливост за спречување на ширењето на заразата со вирусот.
Неговата реакција ја пренесуваме во целост:
„1. Доколку некој студент нема пристап до интернет нели мислите дека веќе е оштетен со тоа што не можел да ги следи оnline предавањата по предметите кои сега треба да ги полага и зошто не е наведено како ќе му се надополни пропуштеното знаење и пропуштените предавања пред да го полага предметот, или тоа не е важно? Важно е само да се полага?
2. Како ќе се одвива полагањето по предметите со физичко присуство на студентите а притоа да се запазат сите мерки на претпазливост од Министерството за здравство? Ќе наведам само неколку од нив:
-Носење на задолжителна заштитна опрема (маска и ракавици).
Доколку се почитува оваа мерка како ќе се врши легитимирањето на студентите при полагање на испитот кога поголем дел од лицето на студентот е покриено, и како очекувате да го почитуваме ова во затворен простор на +40 степени со уште голем број на колеги во иста просторија?
-Задолжително одржување на дистанца од 2 метри помеѓу луѓето.
Кој ќе спроведе ред при влегувањето во факултетите и внатре во нив да се одржува ова потребно растојание?
-Забрането групирање на повеќе од 5 лица. Во просторијата присутни ќе бидат Професорот и Асистентот, дали тоа значи дека само уште 3ца студенти ќе можат истовремено да бидат присутни и да го полагаат писмениот дел од предметот кој трае околу 2 часа? Доколку да, колку денови ќе бидат потребни за полагање на еден предмет за сите студенти да го исполнат своето право на полагање? Доколку не, нели мислите дека ова е прекршување на законот за групирање на група граѓани и кој ќе ни ја гарантира безбедноста за нашето здравје?
-Задолжителен “скрининг” (односно тестирање за присуство на вирусот) на сите просветни работници. Кога ќе се изврши скринингот и што доколку некој од професорите е позитивен на вирусот?
3. Како студентите, кои не се од градот во кој студираат и престојуваат во студентските домови, ќе се појават на испитот, знаеќи дека студентските домови се затворени, а организираниот превоз меѓу градоовите е забранет? Дали треба приватно да патуваме секој ден од градот во кој живееме до градот во кој студираме и кој ќе ни ги покрие тие финансиски трошоци? Дали треба да почнеме да бараме станови за изнајмување и кој ќе ни ги покрие тие финансиски трошоци?
4. Како е можно да се откаже полагањето на Државна матура за учениците од средно образование со образложение дека не е доволно безбедно да се одржи, а во истиот термин да се закаже испитната сесија за студентите. Или здравјето на едните е побитно од здравјето на другите, или целта беше да се добијат политички поени од ученици кои се малолетни и сеуште не се политички определени?
5. Зошто Универзитетот кој се смета за најпрестижен, има најмногу факултети под негова закрила и се смета з најдобар Универзитет во нашата земја нема основна IT опрема и зошто таа не беше обезбедена за време на оваа криза која веќе трае 3 месеци? Истотака како ќе ни се надополни изгубената шанса предметите да ги полагаме во колоквиумската недела?
По еден предмет на нашиот факултет одржавме online колоквиум и си дозволувам да кажам дека и студентите и Професорот и Асистентите беа задоволни од начинот на кое што беше тоа изведено, па не гледам проблем зошто тоа не би се применило и по останатите предмети. Истотака и online предавањата течеа во најдобар ред.
Дали имате надчовечки моќи па предвидовте дека до 1ви Јуни нема да има новозаразени, иако бројот на заболени и починати од вирусот расте исто како на почетокот на епидемијата во нашата земја? Во последните 4 дена има 99 новозаболени и 9 смртни случаи. Дали ако е безбедно да се одржи јунската испитна сесија, безбедно е да се отворат и театрите? Кината? Кафаните? Ноќните клубови? Дали ќе продолжат да се одржуваат спортските настани со присуство на публика?
Или пак целта со ова е да и докажете на јавноста “еве студентите полагаа, безбедно е да има и избори”. Само заборавате дека студентите се движечка сила на општеството и можат да направат големи промени во изгледот на истото.
Зошто македонското образование секогаш мора да се разликува од светските примери?
P.S. Објавата нема никакви политички цели, само сметам дека е време студентите да се изборат за своите права. Од старт се извинувам ако некој се почувствува навреден или директно нападнат од објавата, тоа не е целта. Цел е да се добие одговор на поставените прашања“ – пишува Петковски.