Македонија 22. јануари 2020. / 09:01

Пендаровски во Израел по повод сеќавање на Холокаустот

Пендаровски во Израел по повод сеќавање на Холокаустот

Претседателот Стево Пендаровски денеска и утре ќе престојува во Израел, каде што ќе учествува на лидерски форум по повод Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот – 27 јануари, како и 75-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта Аушвиц–Биркенау.

Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, Форумот ќе се одржи во Светскиот меморијален центар на Холокаустот „Јад Вашем“ во Ерусалим на 23 јануари, а се очекува присуство на над 40 шефови на држави и влади, како и членови на кралски семејства.

Во рамки на форумот претседателот Пендаровски ќе присуствува на конференцијата на тема „Сеќавање на Холокаустот и борба против Антисемитизмот“, како и на меморијална церемонија на полагање цвеќе.

Претседателот Пендаровски ќе оствари билатерална средба со претседателот на Државата Израел, Реувен Ривлин, како и со други шефови на држави и влади учесници на форумот.

За време на присуството на форумот во Израел претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска.