Ден за високи гости на вежбата „Одлучен удар“ се реализираше денеска на армискиот полигон Криволак. Се презентираа офанзивни операции на пешадиската баталјонска група на Армијата на Република Северна Македонија, заедно со припадници на Националната гарда на Пенсилванија.
Во изјава за медиумите, претседателот Стево Пендаровски рече дека ова беше прилика да се присуствува на најголемата воена вежба која кога било е организирана во нашата држава, со учество на 2.700 војници од шест национални контингенти.
Најголемиот дел од војниците кои учествуваа беше од нашиот стратешки партнер, од Соединетите Американски Држави. Меѓутоа, тука има и четири други земји членки на НАТО Алијансата. Она што е посебно значајно да се одбележи од денешнава вежба, е што полигонот Криволак со одржувањето на оваа вежба, е дефинитивно признаен како еден од најдобрите воени полигони во Југоисточна Европа и со ова се отвораат врати за негово почесто користење од нашите сојузници од Алијансата во наредниот период. И друга битна работа која ја покажа денешната вежба, дека нашите припадници, луѓето од армијата на Република Северна Македонија, се на исто професионално ниво со останатите армии во Алијансата, со што покажуваат по којзнае кој пат дека се навистина достојни да не претставуваат во сите мисии во светот каде што се брани глобалниот мир и безбедноста и се најдобриот доказ дека нашата земја треба да стане членка на Алијансата што е можно побрзо, рече претседателот Пендаровски.
Четири од петте земји членки на Алијансата кои учествуваат на оваа вежба, посочи тој, го имаат ратификувано нашиот протокол за членство, во петтата, во САД, тоа е почнато како процедура.
Ветувањето од таа страна е дека најверојатно пред да се распушти Конгресот во август, ќе имаме целосна ратификација, што значи дека одиме со одлично темпо кон самитот закажан за 4 декември во Лондон каде што со право очекуваме да станеме полноправна членка и да ги користиме сите напори кои ги правеше нашата држава не само во сферата на одбраната и во безбедноста, туку и во полето на политиката. Да покажеме дека и политички и безбедносно и со одбранбените реформи, заслуживме да станеме членка на најмоќната воено политичка алијанса во историјата на човештвото, нагласи претседателот на државата.