Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски во Свети Николе кажа дека ВМРО-ДПМНЕ требало да ги осудат настаните на 27 април.
– Вчера, ја чувме првостепената пресуда за немилите настани од 27 април, кога група насилници организирана од врвот на тогашната партија на власт, влезе во Парламентот со цел да го спречи мирниот трансфер на власта.
За жал таа партија и нејзиното сегашно раководство, не смогнаа сила да го осудат тој чин, да се оградат од насилниците и да побараат извинување од сите македонски граѓани. – заклучи Пендаровски.
Тој смета дека неговата ривалка на претседателските избори професорката Гордана Силјановска Давкова ги релативизирала настанот на 27 април. Тој додаде дека кога ќе станел претседател прво нешто што ќе направел е штитење на правата и слободите на граѓаните.
– Уште полошо, кандидатот на таа партија за претседател на државата, го релативизираше настанот и рече дека некои други луѓе кои беа на страната на жртвите, требало да бидат процесуирани, а не насилниците кои посегнаа по животот на пратениците.
Како претседател, мојата прва и основна задача, ќе биде да ги штитам граѓаните и нивните права и слободи. И жестоко да се спротивставам на секој обид ако некој сака тие права и слободи на граѓаните да ги лимитира или да ги одземе. – рече Пендаровски.