Македонија 02. април 2019. / 22:34

Пендаровски: Ветувам победа уште во првото полувреме

Пендаровски: Ветувам победа уште во првото полувреме

Во релаксирана и неформална атмосфера, надополнета со музика и закуски вечерва на улица „Македонија“ во Скопје беше отворен централниот штаб на кандидатот за претседател, Стево Пендаровски.

Непосредно пред неговото обраќање, присутните ја збогатија атмосферата со палење на бакљи, па Пендаровски го започна говорот со фудбалски речник.

-Како капитен на овој тим можам да ви ветам победа уште во првото полувреме. Второто полувреме сепак ќе мора да се изигра, но првото ќе биде убедливо добиено уште на 21 април- истакна тој пред неговите симпатизери.

Пендаровски на отворањето на централниот изборен штаб рече дека пред пет години му била украдена победата на претседателските избори и деак овој пат ветува дека тоа нема да се повтори.

Во штабот тој рече дека ќе биде транспарентен, чесен и вистински татко на нацијата без да ги дела граѓаните од прв и последен ред.

-Има два концепти кои се нудат на овие избори, едниот ја влече Македонија назад, со најава дека ќе врши ревизија на сите договори, на сето она што го сработивме и јас кажувам дека со тој концепт нема иднина. Нашиот концепт е инклузивен, ние нудиме општество за сите подеднакво и две години работевме напорно на тоа. Од диктатура направивме квантен скок во демократија и наша обврска е тој пат да го продолжиме. Вие сте мои и јас сум ваш-порача Стево Пендаровски на отварањето на централниот штаб на улица „Македонија“.

Штабот ќе биде отворен во целиот изборен процес, а за граѓаните ќе биде достапна програмата на Пендаровски, а тој ги повика сите заинтересирани кои сакаат да дојдат во штабот дека се добредојдени без разлика дали ќе гласаат за него или не.