-Очекуваме за сознанијата што вели дека ги има да достави соодветна пријава до полицијата, изјавија денеска од МВР, по што вечерва Пендаровски тоа и го сторил.
Пендаровски во двете последни интервјуа се пожали дека има сознанија дека веќе 10 дена го следеле тајни служби, блиски до опозицијата и дека доказ за тоа биле три фотографии од него објавени на социјалните мрежи.
Опозицијата реагираше дека Пендаровски креира основ по кој судот ќе издаде наредби за да бидат следени функционери на ВМРО-ДПМНЕ во периодот пред изборите. ВМРО-ДПМНЕ за обвинувањата на Пендаровски дека во Македонија се шетаат тајни служби смета дека се дел од внатрешните борби во владејачките кругови, односно на анимозитетот кој наводно постоел меѓу претседателскиот кандидат на власта и Оливер Спасовски, кој според опозицијата извисил во претседателската трка.
На оваа изјава на Пендаровски, реагираше и кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова. „Се прашувам ако некој кој речиси одраснал во безбедносните служби, ако некој кој бил национален советник за безбедност дури на двајца претседатели се чуствува небезбеден, што да очекуваме ние останите противкандидати за претседател на Република Македонија“, напиша Силјановска.