Македонија 28. мај 2019. / 13:17

Пендаровски-Вајгл: ЕУ да ги препознае напорите на Македонија и да донесе одлука за почеток на преговорите

Пендаровски-Вајгл: ЕУ да ги препознае напорите на Македонија и да донесе одлука за почеток на преговорите

Европскиот совет треба да ги препознае напорите на Република Северна Македонија и напредокот на внатрешен и на надворешен план и да донесе одлука за почеток на пристапните преговори, оцениле на денешната средба претседателот Стево Пендаровски и европратеникот Иво Вајгл, известувач за земјава во Европскиот парламент.

На средбата беа разменети мислења за севкупната политичка состојба во Република Северна Македонија, тековниот реформски процес во контекст на интеграцијата на државата во Европската унија, како и за политичките состојби во Европската унија по одржаните избори за Европскиот парламент, соопшти кабинетот на шефот на државата.

Претседателот Пендаровски високо ја оцени поддршката што Европскиот парламент ја дава во однос на интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската унија.

Тој се заблагодари за севкупната поддршка на Вајгл за интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската унија и за неговата работа како известувач за државата во Европскиот парламент. Пендаровски на пратеникот Вајгл, чиј мандат како пратеник во Европскиот парламент истекува на 1 јули, му посака успех во неговиот иден ангажман и изрази уверување дека неговата пријателска поддршка за Република Северна Македонија ќе продолжи и во иднина, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот.