Македонија 14. февруари 2020. / 09:37

Пендаровски учествува на Минхенската безбедносна конференција

Пендаровски учествува на Минхенската безбедносна конференција

Претседателот Стево Пендаровски од денеска до 16 февруари 2020 година ќе учествува на 56. Минхенска безбедносна конференција.

Пендаровски во недела, 16 февруари, ќе се обрати на Конференцијата, а претходно ќе говори и на тркалезната маса „Балкански дијалози“, на која е предвидено учество на Јосеп Борел Фонтелес, потпретседател на Европската комисија и Висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Албин Курти, премиер на Косово, Еди Рама, премиер на Албанија, Александар Вучиќ, претседател на Србија и Екатерина Захариева, вицепремиер за правосудна реформа и министер за надворешни работи на Бугарија.

Како што соопшти неговиот кабинет, претседателот Пендаровски за време на учеството на Минхенската безбедносна конференција ќе оствари повеќе средби со дел од учесниците на собирот.

На 56. Минхенска безбедносна конференција е најавено учество на над 500 лидери во областа на политиката, бизнисот, академската сфера, граѓанското општество, здравствени организации, вклучувајќи над 35 шефови на држави и влади и над 100 министри за надворешни работи и за одбрана.

Во фокусот на Конференцијата се улогата на Западот во глобалниот свет, актуелните состојби во Европа, Кина, Русија и САД, случувањата на Медитеранот, Блискиот Исток и Јужна Азија, како и прашања поврзани со корона вирусот и со климатските промени.

Минхенската безбедносна конференција, со која претседава амбасадорот Волфганг Ишингер, е форум на глобално ниво, посветен на прашањата од безбедноста, промовирањето на мирното решавање на конфликтите, меѓународната соработка и дијалог во надминувањето на безбедносните предизвици на денешнината и иднината.