Претседателот Стево Пендаровски и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во телефонски разговор констатирале потреба од здружување на силите и нагласена солидарност меѓу сојузниците со цел успешно справување со кризата која има не само здравствена, туку и социјална и економска димензија.
Како што соопштија од кабинетот на Претседателот, Пендаровски му се заблагодарил на генералниот секретар за топлото и искреното добредојде за Македонија во НАТО, подвлекувајќи дека членството во најголемата безбедносна алијанса за нас е поттик за натамошен развој и значен придонес кон стабилноста, безбедноста и просперитетот на сегашните и идните генерации.
Претседателот Пендаровски го информирал Столтенберг за состојбата со спречување и справување со последиците од епидемијата на Ковид-19 во Македонија и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции. Соговорниците разговарале за активностите кои НАТО ги презема со цел оваа здравствена криза да не премине во безбедносна, осврнувајќи се притоа на се поприсутните дезинформации и начините за справување со истите.
Соговорниците изразиле задоволство од фактот дека НАТО дава поддршка на своите земји-членки во логистичка и транспортна поддршка за транспорт на медицинска опрема, која е неопходна кај земјите членки, медицински персонал, како и употреба на иновативни технологии за креирање на медицинска опрема.
Во таа насока претседателот Пендаровски информирал дека повеќе земји-членки на НАТО веќе дале помош на Македонија, поткрепувајќи го во пракса сојузништвото во справувањето со глобална криза како пандемијата на Ковид-19.
На крајот, соговорниците договориле засилена комуникација меѓу надлежните институции во претстојниот период, како и размена на информации во делот на справувањето со пандемијата со Ковид-19 и организираните кампањи за ширење лажни вести.