Претседателот Стево Пендаровски, денеска се сретна со полковник Зоран Јанковиќ, шеф на Канцеларијата за врски со НАТО во Скопје.
На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во Македонија, како и за соработката на државата со НАТО, а во контекст на аспирациите за членство во Алијансата.
Претседателот Пендаровски на средбата истакна дека со полноправното членство на Северна Македонија во НАТО ќе биде заокружена една од главните стратешки определби на државата, што ќе придонесе за нејзиниот севкупен развој, и позитивно ќе се одрази за стабилноста и просперитетот на регионот.
Претседателот Пендаровски изрази очекување за скорешно завршување на ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на земјите-членки, со што Република Северна Македонија ќе стане 30-та членка на најуспешната воено-политичка Алијанса.
Претседателот Пендаровски ја истакна улогата на Канцеларијата за врски со НАТО во Скопје во процесот на пристапување на земјата во НАТО и исполнувањето на критериумите и стандардите за полноправното членство.
Во август годинава, за време на централната свеченост по повод одбележувањето на Денот на Армијата на Македонија, претседателот Пендаровски ја одликуваше Канцеларијата за врски со НАТО во Скопје, со Орден за воени заслуги за континуирана поддршка и помош на земјата во процесот на пристапување и исполнување на критериумите и стандардите за остварување на полноправното членство во НАТО, соопштуваат од претседателскиот кабинет.