Македонија 26. јули 2019. / 17:03

Пендаровски се сретна со градоначалникот на Солун

Пендаровски се сретна со градоначалникот на Солун

Со потпишувањето и имплементацијата на Преспанскиот договор отворена е нова перспектива во односите меѓу Македонија и Грција во сите сфери од заеднички интерес, констатираа шефот на државата Стево Пендаровски и градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис на денешната средба во Скопје.

Во тој контекст се согласија дека има унапредување на односите и дека постојат можности за развој на соработката помеѓу регионите и општините, особено преку искористување на европските порграми за поддршка на развој.

На средбата, информираат од Канцеларијата на претседателот, беа разменети мислења и информации за актуелните состојби во двете земји.

Претседателот Пендаровски го истакна интересот на Македонија за унапредување на севкупната билатерална соработка со Грција, вклучително преку продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена и преку развој на инфраструктурното поврзување.

Тој посочи дека неговиот Кабинет останува отворен за поддршка на граѓанските иницијативи кои би ги унапредиле односите помеѓу двете земји преку соработката на граѓаните, организациите и бизнисите од двете страни на границата.

Градоначалникот Бутарис информираше за тековната соработка помеѓу Солун и Скопје во областа на културата, за можностите за соработка на проекти од областа на заштита на културното наследство, особено на еврејската заедница, на чијашто трагична судбина се сеќаваат и Македонија и Грција, за заштитата на животната средина, како и за туристичката промоција на двете држави.

Бутарис упати честитки до претседателот Пендаровски за стапувањето на функцијата и му посака успех во вршењето на должноста.