Претседателот на државата, Стево Пендаровски, прогласи вонредна сосотјба од 30 дена, откако од Собранието го доби предлогот на Владата за прогласување вонредна состојба на целата територија на државата.
Владата, рече тој, ќе продолжи да функционира како техничка со што ќе можат да даваат значаен придонес и претставниците на опозицијата.
-Тоа е можност на дело да покажеме дека кога станува збор за ваква опасност без преседан за нашата држава и нашите граѓани сите политички партии ќе работат заеднички за заштита на здравјето на луѓето и нема да се грижат за својот политички рејтинг, рече Пендаровски.
Во оваа ситуација, додаде Пендаровски, ќе мора да бидат одложени изборите, закажани за 12 април, а парламентарните избори ќе бидат закажани дури кога ќе се создадат услови за фер и демократдско изјаснување на граѓаните.
– Сите калкулации за добивање на гласови или пратенички мандати сега треба да ги оставиме на страна затоа што се безвредни во однос на најскапоценото, заштитата на животот на нашите граѓани, рече Пендаровски.
Пендаровски апелира до граѓаните да се придржуваат до препораките за заштита. Тој им се заблагодари на сите вклучени во заштитата против коронавирусот.
Апелира до сите да бидат смирени , солидарни , за да може да ја пребродиме оваа тешка ситуација.