Македонија 05. април 2020. / 13:45

Пендаровски: Преземениот концепт дава резултати, порадикални мерки само ако постои таква проценка

Пендаровски: Преземениот концепт дава резултати, порадикални мерки само ако постои таква проценка

Ова е најсериозниот предизвик не само за нас, туку и за светот по Втората светска војна, затоа што пандемијата одамна излезе од здравствениот сектор и почна да ја притиска глобалната економија. Глобални зарази имало и порано, но тие никогаш не ги погодиле и најсиромашните и најбогатите земји на светот во исто време, така што, практично, немате дел од планетата од каде што може да побарате помош. Отежнувачка околност е што лек за болеста нема, а дури и најоптимистичките сценарија за пронаоѓање и примена на вакцина шпекулираат со крајот на годината.

Ова го оценува претседателот Стево Пендаровски во интервју за Фактор, додавајќи дека фразата дека ние сме дел од светот овојпат е потполно точна и во географска и во суштинска смисла, а, нашата единствена шанса да ја пребродиме кризата е само во сојуз со останатите.

Претседателот истакнува дека евентуално воведување порадикални мерки ќе се случи само ако постои таква проценка од надлежните органи, според кои, како што вели, досега применуваниот концепт дава резултати и спречува геометриска прогресија.

Прогресијата во бројот на инфицирани и починати се случува практично секаде во светот, дури и во Вухан се зборува за втор бран. Но, споредбено со регионот и со европските земји, ние сме далеку од најзагрозената група на држави. Како што беше констатирано и на последниот Совет за безбедност, во однос на рестриктивните мерки ние бевме меѓу првите во Европа кои во тој дел реагираа на време и со воведување на вонредната состојба и со полицискиот час. Евентуалното воведување на порадикални мерки ќе се случи само ако постои таква проценка од надлежните органи, според кои, досега применуваниот концепт дава резултати и спречува геометриска прогресија – истакнува претседателот.
За него најголем став е и останува во делот на економијата, особено приходната страна на Буџетот. Се разбира, вели, тука не ја вбројувам загриженоста за здравјето и животите на нашите граѓани, што е апсолутно наш најголем приоритет.
Во ситуација кога имаме затворени граници, и забрана за движење во поголемиот дел од денот, јасно е дека е економијата не може да бележи позитивни резултати. Добро е што Владата досега во два наврата донесе сет економски мерки што ги ублажуваат економските последици, иако јас очекувам дека како што ќе се пролонгира оваа криза, следните недели, ќе има потреба и од дополнителен сет на мерки. Според темпото на развој на епидемијата, најцрните сценарија (Италија, Шпанија) најверојатно ќе не заобиколат, така што дупката во Буџетот нема да биде екстремно голема – наведува Пендаровски.