Македонија 17. март 2019. / 16:50

Пендаровски: Помина времето кога Македонија беше земја во која никој не доаѓаше а нас никаде не нѐ канеа

Пендаровски: Помина времето кога Македонија беше земја во која никој не доаѓаше а нас никаде не нѐ канеа

Наместо да продуцираме лоши вести, ние почнавме да продуцираме добри вести и да се поврзуваме со сите соседи и со Европа и светот, рече претседателскиот кандидат Стево Пендаровски при неговата посета на Охрид, притоа истакнувајќи дека овој град отсекогаш бил духовен, цивилизациски и историски центар на Балканот.

-Во последниве две години новата влада на Република Северна Македонија започна со сосема поинаква политика и започна да ја вади земјата од изолацијата во која беше претходно 11 години-истакна Пендаровски.

Кажа и дека во изминатите две години практично биле затворени сите отворени прашања со соседите.

-Сега доаѓа период кога граѓаните на Северна Македонија ќе почувствуваат благодет од тие одлуки кои беа донесени. Започнува интензивно инфраструктурно поврзување со сите соседи, започнува интензивирање на економските и трговските односи со сите нив- посочи тој, додавајќи дека како иден претседател има намера да ги предводи таквите процеси.

-Помина времето кога Северна Македонија беше земја во која никој не доаѓаше, а нас никаде не нѐ канеа- истакна Пендаровски кој кажа дека денеска сме пример за поширокиот регион.