Македонија 31. мај 2019. / 16:15

Пендаровски оптимист: Нема во јуни туку во јули ќе добиеме датум за преговори со ЕУ

Пендаровски оптимист: Нема во јуни туку во јули ќе добиеме датум за преговори со ЕУ

Датум за преговори со ЕУ во јули, наместо во јуни, очекува претседателот Стево Пендаровски. Причина за одложувањето, според него, може да биде тесната временска рамка за согласност од германскиот Бундестаг.

Според него, станува збор само за техничко поместување на термините затоа што ниту една европска држава не вели дека Македонија не заслужува датум, не ги исполнила условите и дека треба да се одложува почетокот на преговорите со ЕУ, за 2020 или 2021 година.

Јуни е речиси невозможна мисија и за Центарот за европски стратегии, „Евротинк„.Тие типуваат на октомври, но предупредуваат дека, ако и тогаш не добиеме датум, тоа ќе биде казна за проевропските граѓани и награда за анти-европските сили во Македонија. Велат дека, европските лидери треба да ја разберат пошироката слика на проблемот и повеќе да не го одложуваат почетокот на преговорите за нашата држава.

Дополнителна опасност, според нив, е и можноста Ципрас да ги изгуби изборите во Грција и на негово место да дојде Мицотакис, кој реторички, силно се противи на Преспанскиот договор. Тој веќе најави дека има 75 можности да го отежнува патот на Македонија кон ЕУ, односно да ни става сопки при отворањето на сите поглавја. Тука е и можноста, да спласне ентузијазмот за реформи, а удирањето на оптимизмот од лошата реалност да изроди само фрустрации