Македонија 16. јули 2019. / 10:05

Пендаровски незадоволен од брзината на процесот за влез на земјите од Западен Балкан во ЕУ

Пендаровски незадоволен од брзината на процесот за влез на земјите од Западен Балкан во ЕУ

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за Радио телевизија Црна Гора истакна дека Македонија е сто процентно согласна со Црна Гора кога станува збор околу визијата за регионот, посебно во делот на европската и евроатлантската иднина.

Иако европската перспектива е единствена алтерантива, одржлива и продуктивна за целиот регион, Пендаровски го загрижува тоа што таа е замаглена во последно време, а патот кон европското семејство е бавен и неизвесен.

Се надевам дека тоа ќе оди побрзо. Каква е тоа порака за нас, кои се уште не сме почнале со преговарање. Ако вие преговарате седум години и се уште нема светло на крајот од тунелот, тогаш што да им кажам на моите граѓани во Македонија, колку ќе трае ова, 15-20 години? – наведува претседателот Пендаровски во интервјуто.

Иако се очекуваше дека Македонија и Албанија ќе започнат преговори со ЕУ минатиот месец на состанокот на врвот во Луксембург, одлуката е одложена, бидејќи имало поделеност во Унијата околу тоа прашање.

Се што побараа од нас, се исполнивме, вклучувајќи ги и тешките компромиси. Сега е ред на Европа да го исполни тоа што го вети – порача Пендаровски.

Тој нагласи дека е многу задоволен од односите и соработката со Црна Гора.

Многу ми значи помошта која Црна Гора, сега како полноправна членка на НАТО, несебично и ја дава на Македонија, која ќе стане 30-та членка на Алијансата најверојатно на почетокот на следната година – изјави Пендаровски во интервјуто за РТЦГ.