Македонија 14. мај 2020. / 11:10

Пендаровски нема да оди во Рим за „Св.Кирил и Методиј“

Пендаровски нема да оди во Рим за „Св.Кирил и Методиј“

Претседателите на Македонија и на Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев ја откажаа посетата на Рим и Ватикан по повод чествувањето на Св. Кирил и Методиј на 24 Мај поради состојбата со ковид-19, соопштија од кабинетот на Пендаровски.

Имајќи ја предвид пандемијата на ковид – 19, како и фактот дека Република Италија е една од земјите која се соочува со големи предизвици, кабинетите на претседателот Стево Пендаровски и претседателот на Република Бугарија, Румен Радев донесоа одлука дека одбележувањето ќе го поместат во втората половина на 2020 година кога условите тоа ќе го овозможат, на соодветен ден и датум, пишува во соопштението.

Од кабинетот на бугарскиот претседател Радев потврдија дека посетата е одложена, и дека со Ватикан ќе биде утврден нов датум за заедничко одбележување на делото на светите браќа Кирил и Методиј во втората половина од годинава.

Државните делегации на двете држави веќе неколку години заедно оддаваат почит на 24 мај – Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, на тој начин што положуваат цвеќе кај базиликата „Санта Маџоре“ како и на гробот на свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим и Ватикан.