Македонија 03. февруари 2020. / 12:51

Пендаровски не го коментира Каракачанов

Пендаровски не го коментира Каракачанов

Изјавата на претседателот Стево Пендаровски за причините зошто денес Македонците се декларираат за Бугари при вадење бугарски пасош има сосема друг контекст и затоа нема да го коментираме Красимир Каракачанов.

Ова е одговорот од кабинетот на шефот на државата по последниот настап на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој викендов престојуваше во приватна посета на Битола. Тој во Центарот за култура промовираше три книги од кои едната за „Тодор Александров“. Запрашан за македонско-бугарската комисија која се уште нема договор за Гоце Делчев, Каракачанов изјави дека споровите побрзо ќе се решат ако се чита историјата.

-За мене спорот е политички, тој не е научен спор. Историјата е јасна по тој однос, кој чита – разбира. Ги гледаш документите, ги читаш и треба да се замислиш. Но, да кажеш дека Гоце Делчев се декларирал како Бугарин, зашто сакал бугарски пасош, таква глупост нема. На никој во тоа време не му требало пасош во Бугарија да дојде да учи на Универзитет или училиште. Гоце Делчев дошол од Кукуш и учел во бугарското воено училиште. Нема потреба од спор, има потреба од читање и културен дијалог, а не политички расправии. Политичарите можат да се караат уште 200 години, од тоа никој не добива, напротив, губат граѓаните на Македонија, рече меѓу другото Каракачанов.

Претседателот Стево Пендаровски, минатата година во интервју за Сител, запрашан за можноста да се постигне договор за тоа чиј е Гоце Делчев, рече дека тоа е неспорно. Според него, Делчев е еден од темелите на македонската државност, кој се борел за автономна и самостојна Македонија.

– Еве ви еден практичен пример. Денес, јас или вие ако бараме бугарско државјанство мора да се пишеме, не само ние, туку и сите наши претци дека се Бугари, дали е точно тоа или не, меѓутоа за да добиете бугарско државјанство во 2019 вие мора да се пишете за Бугарин. И сега сакате да ме убедите дека во тој историски контекст, повторувам и инсистирам на тоа, во тој историски контекст 1900 – 1901 година дека Гоце Делчев можел да се пише Македонец? Такви биле околностите во тој период, рече тогаш Пендаровски.