Македонија 16. декември 2019. / 20:00

Пендаровски на разговори со МАНУ како да ја подобрат соработката

Пендаровски на разговори со МАНУ како да ја подобрат соработката

Претседателот Стево Пендаровски ја посети Македонската академија на науките и уметностите и се сретна со актуелното и со новоизбраното раководство на МАНУ. 

Како што соопшти Кабинетот на претседателот Пенадровски, на средбата биле разменети информации и мислења за актуелните активности на академијата, како највисока и самостојна научна и уметничка институција во државата и за плановите за идните активности по стапувањето на функција на новото раководство од 1 јануари 2020 година.

Пендаровски бил информиран за тековната реализација на национални и меѓународни проекти од страна на академијата, како и за меѓународната соработка со други академии. Како што се наведува во соопштението, на средбата биле разменети мислења за можностите за продлабочување на соработката меѓу Кабинетот на претседателот и МАНУ.

– Претседателот Пендаровски, посакувајќи успешен мандат на новото раководство на МАНУ, со претставниците на академијата размени мислења и информации за актуелните состојби во Република Северна Македонија, за нејзините аспирации за членство во Европската унија, како и за состојбите во регионот – се вели во соопштението

На средбата Пендаровски се осврнал и на неговите меѓународни активности, а како што се наведува во соопштението, станало збор и за усвоената Повелба за македонскиот јазик од страна на Собранието на МАНУ, на седницата одржана на 3 декември.