Претседателот Стево Пендаровски присуствуваше на форумот „Сеќавање на Холокаустот и борба против антисемитизмот“ во Ерусалим.
Kако што соопштија од Кабинетот на претседателот, на форумот присуствувале и претседателот и премиерот на Израел, Реувен Ривлин и Бенјамин Нетанјаху, претседателот на Русија, Владимир Путин, потпретседателот на САД, Мајк Пенс, претседателите на Франција и на Германија, Емануел Макрон и Франк Валтер Штајнмаер и британскиот принц Чарлс.
На конференцијата во Ерусалим зборувале и Авнер Шалев, претседател на Јад Вашем, претседателот на советот на Јад Вашем, Рабинот Меир Лау и Моше Кантор, претседател на Фондацијата на Светскиот форум на Холокаустот.
Нагласувајќи дека ниту еден политичар или поединец повеќе не смее да дозволи да се случи ист или сличен настан како Холокаустот, говорниците и присутните им оддале почит на околу шест милиони Евреи кои беа убиени во Втората светска војна.
Претседателот Пендаровски положил меморијален венец во знак на почит за илјадниците убиени македонски Евреи кои беа депотрирани во логорот во Треблинка, како и на сите жртви кои од 1941 до 1945 година биле измачувани и убиени.
По повод 27 јануари – Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот и 75-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта Аушвиц, во рамки на конференцијата во Ерусалим, двајца преживеани од Холокаустот го запалиле меморијалниот факел.