Со високи државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски денеска ја почна официјалната посета на Полска. Тој беше пречекан од претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда.
Од кабинетот на Пендаровски информираат дека по тет-а-тет средбата на претседателите, делегациите на двете држави одржаа пленарен состанок на кој се потврдени искрените пријателските односи и политички дијалог.
Полска е постојан поддржувач на нашите евро-атлантски интеграции и за време на посетата на претседателот Пендаровски се очекува да биде реафирмирана поддршката за Северна Македонија да отпочне претпристапни преговори за ЕУ, велат од кабинетот на Пендаровски.
Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, ќе оствари билатерални средби со Маршалот на Сејмот, Елжбијета Витек и со Маршалот на Сенатот, Томаж Гроцки.
За време на официјалната посета, Пендаровски ќе се сретне со истакнати слависти и македонисти, кои живеат и работат во Република Полска.