Изборите мора да бидат кристално чисти и за тоа мора да се заложат сите актери кои учествуваат во изборниот процес. Се разбира одговорноста на власта и институциите на власта е поголема, но тоа зависи и од однесувањето на секој поединечен учесник, на секој поединечен гласач во изборите, изјави денеска претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
Пред медиумите Пендаровски информираше дека имал средба со амбасадорот Клеменс Која, кој е шеф на мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија кој му најавил дека наскоро ќе биде димензионирана мисијата според потребите кои ние како држава ќе ги искажеме.
Очекувањата се дека бројката на мониторингот ќе биде слична како во претходните неколку изборни циклуси, значи некаде околу 300 луѓе. Меѓутоа за тоа допрва треба да се донесе одлука во централата на ОБСЕ во Виена, и за тоа се разбира ние ќе дадеме и согласност и претходно барање, значи ништо нема да се одлучува без нас.
Нашата заложба е, зборувам сега во името на владејачката структура да има што е можно повеќе мониторинг, особено од граѓанскиот сектор, затоа што навистина на овие избори сакаме да покажеме дека далечно минато треба да бидат времињата кога се даваа гласови на нерегуларен начин и конечно на крајот на изборниот процес да имаме победник кој ќе биде признаен од сите учесници во процесот и понатаму тој победник ќе треба да соработува на дневна основа, рече Пендаровски.
Тој, исто така кажа дека е завршена работата со неговото следење, како и дека не забележал дали сѐ уште бил следен.
Таа работа е завршена. Поднесов пријава и целата работа е кај МВР. Има истрага и тие знаат како понатаму. Не сакам да коментирам понатаму за да не им ставам на товар повеќе работи. Тоа е непријатно чувство, но не значи дека е безбедносна закана по мојот интегритет, изјави Пендаровски.