Македонија 30. април 2020. / 18:00

Пендаровски и честита на Армијата за професионализмот и посветеноста во борбата со Ковид 19

Пендаровски и честита на Армијата за професионализмот и посветеноста во борбата со Ковид 19

Претседателот Стево Пендаровски, во „Вила Водно“ прими припадници на Армијата, кои учествуваат во справувањето со пандемијата на Ковид-19.

Како соопшти прес-службата на Кабинетот на претседателот, станува збор за припадници на Армијата, ангажирани во Дебар, Центар Жупа и во Куманово, како и во кризните подрачја на северната и на јужната граница и за обезбедување на објекти наменети за карантинско сместување.

 

Во разговор со претседателот, припадниците на Армијата споделиле дел од искуствата, информирајќи го за одличната соработка со локалното население за време на нивниот ангажман во изминатите два месеца. Пендаровски и војниците изразиле задоволство што ниту еден од припадниците на Армијата не се заразил со Ковид-19 за време на вршењето на должноста во кризните подрачја.

Пендаровски изразил благодарност до сите припадници на Армијата за вложените напори во справувањето со епидемијата од Ковид-19 и поддршката што ја даваат на институциите, особено на Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи и единици на локалната самоуправа.

Пендаровски истакнал дека припадниците на Армијата, без исклучок, се секогаш меѓу првите што пружаат помош и поддршка во кризни ситуации, честопати помагајќи и во задачи што примарно се надлежност на други институции.

Како Врховен командант сум горд на вашите несебични заложби, покажаниот висок професионализам, дисциплина и посветеност во овие тешки времиња. Вашата подготвеност да помогнете таму кадешто е најмногу потребно треба да ни биде пример за сите нас. Во моментите кога целиот свет се соочува со пандемијата на Ковид-19, вие ни покажувате колку е важно да бидеме солидарни еден кон друг и да се помагаме меѓусебно. Ви благодарам за вашата посветена работа – порачал претседателот Пендаровски на средбата со припадниците на Армијата.