Претседателот Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност соопшти дека врз основа на нов предлог од Владата ќе донесе нова одлука за вонредна состојба за 30 дена.
Како што објасни Пендаровски, ова решение, сепак, не ја намалува одговорноста на сите релевантни фактори во државата, зашто во мај ќе се појават истите правни дилеми, во услови кога Собранието не работи, пратениците земаат плата, а не побарале апанажа.
Во однос на ситуацијата во Куманово тој рече дека треба посебен фокус и внимание и можеби многу брзо ќе треба примена на успешниот модел од Дебар и Центар Жупа.
Пендаровски говореше и за кризните мерки и рече дека со над 80 часови практично целосна забрана на движење во земјата за Велигден ние спаѓаме во групата на земји со најригидни мерки.
На граѓаните им е јасно која е логиката и оправданоста на ваквите мерки, но реков веќе дека тие треба да предвидуваат исклучоци и да бидат во разумен период, бидејќи ќе предизвикаат проблеми на подолг рок. Затоа, ја повикувам Владата по празникот да дефинира план за постепено фазно враќање во нормала, бидејќи ќе мора да научиме да живееме со вирусот на подолг рок – изјави Пендаровски.