Прашањата за една изборна единица и отворени листи на преговарачката маса меѓу партиите ќе се најдат наесен, по референдумот, брифираат за „Макфакс“ од работните групи. За можните измени на изборниот модел, партиите сè уште не дискутирале бидејќи приоритет биле барањата на ВМРО-ДПМНЕ за техничка Влада и финансирањето на партиите, но и изборот на ДИК.
Од СДСМ велат дека тие нема да отстапат од предлогот за менување на изборниот систем во една изборна единица, како и воведување модел на отворени листи на гласање, како подемократски принцип од актуелниот, но велат дека е потребна согласност и од другите партии. Од ДУИ не ја поддржуваат идејата за една изборна единица, но се за преференцијално гласање. Од ВМРО-ДПМНЕ кусо одговорија дека согласно со динамиката на преговорите меѓу работните групи, за овие теми ќе разговараат од септември.
Партиите веќе се договорија и во Собранието едногласно изгласаа да се зголеми финансирањето на партиите од буџетот, од 1.8 милиони евра на 4,5 милиони евра на годишно ниво. Со законските измени се намалува сумата која може да ја прибираат од донации од компании и физички лица.Триесет отсто од парите се наменети за малите партиите, а останатите 70 отсто за големите партии. Партиите ќе може да се финансираат и од кредити, а и да поседуваат земјиште, што не беше пракса до сега. Измени во Изборниот законик има и во делот на кампањата, со што сега рекламирањето ќе се плаќа од буџетот наместо од партиските сметки, а се наметнува и обврска ДИК да ги мониторира и интернет-порталите.
Избран е и новиот состав на ДИК, кој ќе треба да го спроведе референдумот, но бидејќи е преодно решение, има мандат од шест месеци.