Партиите засега се далеку од договор за датум за предвремени парламентарни избори. СДСМ со став дека доколку нема договор, тогаш изборите ќе се одржат на 21 јуни. Наспроти нив, ВМРО-ДПМНЕ смета дека избори треба да има тогаш кога нема да биде загрозен ниту еден човечки живот и кога граѓаните ќе се чувствуваат слободни да учествуваат на изборен процес.
Од владејачката СДСМ велат дека по ставањето на пандемијата под контрола, силно се посветени на носење економски мерки за брза трансформација на економијата. Сега, како што посочуваат, потребно е градење на функционални и институции со целосен легитимитет и затоа се потребни парламентарни избори во првиот можен рок.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека во овие моменти потребно е трезвено размислување и надполитички став кој ќе биде во интерес на граѓаните и нивното здравје, а не во интерес на политичките партии.
Според нив, организирање на предвремени парламентарни избори во време на пандемија која секојдневно одзема животи е еднакво на организирано убиство, за кое за жал ќе нема назад.
Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) вчера побарале дополнителни одговори за мерките за избори од Комисијата за заразни болести. Министерот за здравство Венко Филипче информира дека во следите денови Комисијата ќе одговори на прашањата на членовите на ДИК.
Предвремените парламентарни избори првично беа закажани за 12 април, но беа подложени поради пандемијата на корона вирусот и вонредната состојба.