Македонија 25. јуни 2018. / 15:17

Парламентот на 16 август ќе донесе одлука за распишување на референдумот за името

Парламентот на 16 август ќе донесе одлука за распишување на референдумот за името

На 16 август Парламентот ќе донесе одлука за распишување на референдум за името, потврдуваат собраниски извори за Канал 5.

Кога ќе биде денот на кој граѓаните ќе се изјаснат „ЗА“ или „ПРОТИВ“ промена на името ќе се бара во време пропишано со Законот за референдум. А таму, пак, во членот 22 став 2 пишува –

Од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум на државно ниво во Службен весник до денот на одржувањето не можат да поминат помалку од 60 ниту повеќе од 90 дена.

Собраниски извори велат дека во месец септември ќе се бара датумот, за да се фатат роковите пропишани во Договорот со Грција.

Според членот 30 од Законот – одлуките за референдумот на државно ниво се сметаат за усвоени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список.

Или за успешен референдумот треба да излезат 50 проценти плус еден од вкупниот број на запишани избирачи и од нив 50 плус еден го поддржат.

Во меѓувреме течат роковите и за ставањето на параф на Договорот од претседателот Иванов. До крајот на неделата истекува седмиот ден откако во средата минатата недела собранискиот спикер Талат Џафери го испрати. Од кабинетот на Иванов иако Канал 5 праша – дали шефот на државата донел одлука – засега нема одговор.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски за Канал 5 вели дека во Договорот со Грција обврзувачка е одлуката на парламентот а не објавата во Службен весник.

Во моментов вели Мисовски одлуката на претседателот на државата во нашиот евро и НАТО интегративен процес, не е важна, бидејќи двете страни се договорени – за да го откочи, Грција евроинтегративниот процес на Македонија доволна е самата ратификација на Договорот во Собранието.

Сепак Мисовски смета дека каков и да е одговорот на претседателот, Собранието ќе ја почитува процедурата.

– Ако не го потпише ќе одиме на повторената процедура пропишана во Деловникот. Тврдам дека и во неа мнозинството пратеници ќе ја донесат истата одлука и Собранието повторно ќе го ратификува Договорот. По таа постапка претседателот според Уставот мора да го потпише Договорот, вели Мисовски за Канал 5.