Во декември македонските граѓани пиеле помалку „сумамед“ и „панцеф“, антибиотици кои матичните лекари најчесто ги препишуваа на болните од ковид-19, покажуваат податоците кои јавно ги презентираше професорот на Медицински факултет, микгобиологот д-р Никола Пановски.
Бројот на реализирани рецепти преку ФЗОМ на азитромицин (СУМАМЕД) е намален за 48.000, а на цефиксим (ПАНЦЕФ) за 10.000 во декември во однос на ноември 2020. Број на реализирани рецепти на азитромицин: септември 18.618, пропишани на 11.963 осигуреници, октомври 42.414, за 25.570 осигуреници, ноември 70.115 рецепти, 41.055 осигуеници и декември 22.575 рецепти за 14.656 осигуреници.
Ништо страшно не се случи со практикување на медицина базирана на докази, напротив, пациентите се заштитени од непотребно давање на антибиотици, од двојни токсични дози на азитромицин. Според пресметките на ФЗОМ, само за декември заштедени се околу 200.000 евра од азитро и цефиксим. Најмалку уште толку останале во џебот на граѓаните кои инаку би ги купиле овие лекови. Благодарност до м-р Кристина Христова и нејзиниот тим од ФЗОМ, до сите колеги и пријатели за поддршката, до Фејсбук, печатените и електронските медиуми. Задоволен сум зошто ова е доказ дека некои крупни работи можат да се постигнат и без помош на МЗ, ЛКМ,МЛД, бројни специјалистички здруженија, на кои им благодарам што иако не помогнаа, не одмогнаа, пишува д-р Пановски.